Бислимска Клисура
БЛОГ РАСКАЗ ЗА ЛОКАЦИЈАТА/РЕГИОНОТ:
Во подножјето на Градиште, до самото корито на Пчиња е една од најкарактеристичните пештери во областа, која народот ја вика „Студен пештер”.
Каналите се толку тесни што човек едвај може да влезе низ нив. Интересно е да се спомне дека во месеците јули и август по карпестата површина во овој дел на Градиште можат да се забележат голем број на змии, а посебно треба да се внимава на змиите камењарки кои се доста отровни, а тешко се воочуваат.
Влезот од пештерата се состои од поголем број на отвори низ кои се одвива силна циркулација на воздухот. Тоа условува на неколку метри од влезот, температурата нагло да опаѓа. Затоа, пред неколку десетлетија, кога реката била почиста и посетувана, влезот на пештерата на посетителите им служел како ладилник за прехрамбени артикли. Кон внатрешноста на Студен пештер се одвојуваат 2 канали долги по дваесетина метри.
Горниот канал наликува на лавиринт и од него може да се дојде до таваницата на понискиот канал или да се излезе на „терасата” над главниот влез. На неколку места во пештерата има интересен подземен накит, но и голема колонија на лилјаци од неколку стотици единки. За жал во последно време лилјаците се истребуваат поради верувањето дека имаат магијска моќ.
Од спротивната страна на реката е огромен карпест отсек висок 250 метри. Овој дел народот го нарекува Мечкина клисура. Мерењата на длабочината на реката Пчиња покрај карпестите делови покажуваат вредност и до 3 метри, така што преминувањето на реката е мошне отежнато посебно за време на повисоки води. А реката мора да се премине за да се види убавиот Лишков пештер, можеби најбогатиот со пештерски накит објект во Бислимската клисура и воопшто во Кумановскиот крај.
Пристапноста на Лишков пештер е релативно тешка и води по карпести „скали” кои многу одамна делумно биле обликувани од старото население.
На самиот влез од пештерата се отвора голема пештерска сала чие дно е прекриено со блокови сурнати од таваницата. Од салата продолжуваат два канали кои завршуваат со помали кружни проширувања. Низ каналите се забележува прекрасен пештерски накит во вид на завеси, бледо-жолти сливови, а од таваницата се спуштаат тенки цевчиња – сталактити, кои природата макотрпно ги создавала
Во почетниот дел на левиот канал можат да се приметат неколку камени садови со голема старост кои ги користело дамнешното население. Од десниот канал се издвојува спореден канал кој се спушта во длабочина и завршува со кружна сала. И овој канал е богат со сталактити, а се јавуваат и неколку сталагмити. На дното од каналот во зимскиот период од годината се формира мало езерце, кое понира преку пукнатината, а водата му истекува директно во реката Пчиња.
Внатрешноста на Лишков пештер е доста топла и влажна, а располага и со разновиден животински свет, особено подземни инсекти.
Постои верување дека во пештерата и околу неа има закопано богатство. Затоа честопати можат да се забележат „авантуристи” кои се во потрага по богатството, но нивните соништа не се остваруваат. Ако не може да се најде вистинско богатство барем се крши по некој сталактит или сталагмит, а со тоа се прави ненадокнадива штета бидејќи се уништува единствен вака раскошен објект во Кумановскиот крај. А замислете само, природата секој сталактит го изградува со капнување на милиони капки а за едно цевче долго 5 см, потребни се преку илјада години. Да не ја дираме барем оваа пештера за да остане за идните поколенија да има на што да се восхитуваат
По напуштањето на Лишков пештер повторно мора да се премине реката за да се видат уште неколку интересни места во локалитетот Китке. Самото искачување до месноста е многу напорно. Сепак трудот се исплаќа бидејќи се доаѓа до уште една пештера наречена Дуенички пештер. Таа е една од помалите и посиромашни со накит, но е интересна по формата и морфологијата на главниот канал. Пештерата е долга 30 м, и сосема е пристапна. Затоа се користи како засолниште за сточарите и за добитокот особено кога се јават временски непогоди. Неколку десетина метри под пештерата, природата создала впечатлив прозорец во карпа. Под влијание на врнежите, ветерот и механичкото распаѓање, помеките делови од карпестата маса побрзо се распаѓале, па така за период од 10 илјади години се оформил отвор кој наликува на прозорец. Од овде се пружа убава глетка кон Градиште и кон Тикијарница, а во бездната, во длабочина од 60 метри е течението на Пчиња.